Сонце, море и одржливост

Почнува летниот распуст и многумина од вас се пакуваат и се подготвуваат да заминат во некое сончево одморалиште. Додека се подготвувате за сезоната на одмори, споделуваме неколку начини како позитивно да влијаете на местата што ги посетувате, така што ќе ја намалите количината на отпад и ќе го зголемите рециклирањето.

Сите уживаме во повеќе слободно време во текот на летото, но без разлика дали јадеме во ресторан, поминуваме време со семејството или само се сончаме на плажа, важно е да се однесуваме одговорно кон животната средина.

Ако при планирањето на одморот донесете одлуки за одржливост, тоа може да направи голема разлика во количината на отпад што ќе ја создадете. Имајќи предвид дека Денот на еколошкиот долг секоја година е сè порано и порано, важно е да се увериме дека секој од нас дава свој мал придонес за да се заштитат нашите ресурси.

Намалување на отпадот

Во Обединетото Кралство се создаваат околу 10,2 милиони тони отпад од храна секоја година. Може да помогнете во намалувањето на овој отпад така што ќе спакувате сопствена храна за долгите патувања. Така ќе ја подготвите точната количина на храна и ќе ја намалите веројатноста од фрлање на остатоците од храна. Подготовката и пакувањето на храната дома со користење садови за повеќекратна употреба исто така ќе помогне да се намали купувањето пластика за еднократна употреба и готова храна и пијалаци. Неодамна споделивме неколку најдобри совети за тоа како да се однесувате еколошки во текот на сезоната на пикници.

Користење амбалажа за повеќекратна употреба

Кога го поминувате денот надвор од домот, погрижете се да не создавате непотребен отпад. На пример, купете чаша за кафе за повеќекратна употреба за да спречите непотребен отпад бидејќи секоја година се фрлаат 2,5 милијарди чаши за кафе за еднократна употреба.

Ако излегувате на сонце, земете шише со вода што може повторно да се наполни – повеќето места сега нудат подобрени услови каде што може да ги наполните шишињата и да не купувате шишиња за една употреба. Кога летате со авион, ако купите амбалажа од 100 мл за сите течности, кремови и гелови во вашиот рачен багаж, тоа ќе ве ослободи од потребата да купувате средства за хигиена со големина за патување, а амбалажата може да ја користите и при следниот лет.

Рециклирање – пронајдете ја соодветната канта за отпадоци

Каде и да сте, обидете се да ги побарате различните канти за отпадоци што се достапни – селектирањето на отпадот во соодветни канти за отпадоци ќе помогне истиот да се рециклира.

Ако е можно, треба да ги исчистите остатоците од храна или да ја истурите течноста од пластичните или хартиени пакувања пред да ги рециклирате.

Добар совет е дека секогаш, без разлика дали сте на одмор или не, треба да размислувате за рециклирање кога купувате. Проверете дали производот или пакувањето може лесно да се рециклира кога го купувате, па тоа ќе ви помогне да го спречите преполнувањето на кантите за отпадоци!

Извршете свое истражување

Проверете ги локалните правила за рециклирање во местото каде што одите. Можеби таму има различен систем на канти за отпадоци од оној на којшто сте навикнати, па уверете се дека може да го извлечете максимумот од достапните опции за рециклирање.

Можеби има одделни термини за собирање на отпадоците од храна или различни правила за собирање лименки, пластика и хартија – проверете го локалниот систем кога ќе пристигнете и ќе знаете каде да го оставате вашиот отпад.

Ако се погрижите правилните отпадоци да завршат во правилната канта за отпадоци, со тоа ги зголемувате шансите тие пак да се рециклираат во нешто корисно бидејќи допринесувате да се заштити квалитетот на материјалот што се собира за рециклирање.

Проверете ги термините за собирањето отпад за рециклирање за да дознаете кој ден треба да ги изнесете вашите канти за отпадоци додека сте таму.

 Земете ги со себе

Откако ќе се уверите дека не создавате непотребен отпад и уживавте во денот поминат на отворено, уверете се дека не сте оставиле ништо зад вас. Ако нема достапни канти за отпад и за рециклирање, земете ги отпадоците со вас.

Каде и да сте во светот, може да помогнете да се заштити природата за идните генерации така што ќе се уверите дека не оставате ѓубре зад вас.

Со правилното рециклирање, одделување на материјалите онаму каде што тоа е можно и планирањето како да се намали отпадот однапред, може да бидете одржливи во текот на вашиот летен одмор.